Данската „ТВ2“ објави видео-снимка од разговорот на Начевски за местење натпревари поради кој е суспендиран од ЕХФ (ВИДЕО)

Данската телевизија ТВ2 која го обелодени скандалот со македонскиот функционер во ЕХФ, Драган Начевски, сега објави и видео-снимка со скандалозниот разговор во кој е вклучен Начевски за наводно местење натпревари поради што и доби суспензија од ЕХФ.

Данците со презентираниот материјал, кој може да го погледнете на следниот ЛИНК, информираат дека ова е само првата епизода од серијалот емисии за скандалот во европскиот ракомет во кој се поврзани ракометни судии. А, во иднина ќе следат многу слични епизоди и со други ракометни работници и судии од Европа.

Токму по информациите од ТВ2 раководството на ЕХФ реши да го разреши од должноста Македонецот Драган Начевски, поради сериозен сомнеж за вмешаност во местење на натпревари. Европската куќа на ракометот претходно соопшти дека одлуката е донесена по последните информации добиени од данската телевизија ТВ2 на 23. мај.

На актуелната снимка, наводно од јануари 2020, се гледа Драган Начевски и наводен бизнисмен, кој се претставувал дека има намера да стартува кинески тим во СЕХА-лигата, наводно разговарале и за темата за местење на натпревари.

Во својата изјава до ЕХФ, Начевски писмено ставил до знаење дека никогаш не бил дел од било какво местење на ракометни натпревари. Како што информираат од ЕХФ, иако обвинувањата од ТВ2 не можат во целост да бидат проверени, за да се заштити интегритетот на ракометниот спорт Извршниот комитт при ЕХФ донел одлука да го разреши Драган Начевски на неопредено време.

Целиот случај бил предаден до одговорните инстанци во ЕХФ кои ќе ја продолжат истрагата, а исто така е испратен и до австриската федерална полиција.

Се вчитува...