Миовски е комплетно „фит“: Цели 102 минути игра за Абердин на стартот од новата сезона во Шкотска

Бојан Миовски повеќе од успешно се враќа на терените по тешката повреда која ја заработи на крајот од минатата сезона во шкотската Премиерлига.

Македонскиот репрезентативец е комплетно „фит“ за новата сезона. Сето тоа го потврди уште во првото коло од шкотскиот шампионат на гостувањето на неговиот Абердин против Ливингстон на дуелот кој заврши без голови.

Натпреварот во Ливингстон вклучувајќи ги и судиските продолжение се играше цели 102 минути, а Миовски, на кого ова му беше прв официјален настап во новата сезона, го одигра на високо ниво целиот дуел потврдувајќи дека е комплетно подготвен за сите нови предизвици, оставајќи ги зад себе несаканите моменти од крајот на минатата сезона.

Интересно е што последните 15 минути на натпреварот Миовски ги одигра на позицијата офанзивен играч за врска, покажувајќи дека може да игра на повеќе позиции во тимот. Бојан Миовски се очекува повторно да се врати и во националниот тим за септемвриските квалификациски дуели против Италија и против Малта во составот на Благоја Милевски.

Се вчитува...