Игор Кралевски за миговите минати со легендарниот Чиро Блажевиќ: Никогаш нема да го заборавам она негово – „Јаооо Македонац“!

Поранешниот македонски репрезентативец Игор Кралевски е едно од имињата кое секогаш со задоволство се спомнува на „Пољуд“ оставајќи силна трага во историјата на сплитски Хајдук. Затоа и секогаш е добредојден соговорник кога е во прашање потсетувањето на неговите „златни“ моменти во дресот на сплиќани.

„Најдобар тренер со кој сум работел во Хајдук без размислување е легендарниот Чиро Блажевиќ, тренерот кој ме доведе во, за мене, најголемиот европски клуб Хајдук. Најдобри пријатели или соиграчи, пак, во времето кога играв беа Лука Вучко и Никица Јелавиќ, тие беа моја генерација и некако најмногу се дружевме и разбиравме меѓу себе“ – вели Кралевски во разговор за сплитските портали а како сеќавање на историјата на Хајдук.

За Кралевски е незаборавно неговото деби за Хајдук против најголемиот ривал Динамо Загреб на „Максимир“ на кое беше прогласен за играч на натпреварот и откритие во хрватскиот фудбал.

„Тоа ми беше прв натпревар, само што пристигнав и веднаш дерби со Динамо на ‘Максимир’. Пристигнав само една недела пред натпреварот и во текот на таа недела на тренинзите го гледам тимот кој ќе игра. Јас сум резерва и не очекувам настап, сепак одиме во карантин во Загреб и десет минути пред да заминеме од хотелот на стадион, Чиро Блажевиќ ме вика во соба и ми вели: ‘Сине, ајде дојди во мојата соба’. Одам и го слушам. Ме прашува дали сум спремен? Му одговарам: ‘Секогаш сум’. Па, категорични ми вели: ‘Слушај, сега денеска играш, па ќе видиме – или остануваш или те нема!’. И играв. По мечот прогласен за играч на натпреварот, и секако останав. Не можам да ги заборавам и оние пцовки на Чиро, навистина пресимпатични и секогаш како начин за поддршка кон играчите. Знаевме дека тоа е негов стил со кој секогаш се смеевме. Никогаш нема да ги заборавам неговите пцовки кога ќе погрешев нешто: „Јаооо Македонец…. да ти е..м мајката македонска“ – низ смеа се потсетува Кралевски.

Игор Кралевски во својата кариера, покрај за сплитски Хајдук, настапуваше и за Цементарница 55, Работнички, Металург и Македонија ЃП во македонските првенства, како и за рускиот Владивосток. Има и три официјални настапи за македонската репрезентација.

Се вчитува...