Македонецот Милан Илоски потпиша за дански Нордсјиланд (ФОТО)

Македонецот Милан Илоски од јануари 2024 и официјално ќе биде нов фудбалери на данскиот суперлигаш Нордсјиланд потпишувајќи четиригодишен договор со клубот.

24-годишниот Илоски, кој е роден во Сан Диего во САД но има и македонско државјанство, зад себа има извонредна сезона во Оранџ Каунти во УСЛ лигата во САД, со што го привлече вниманието на еден од најдобрите дански клубови Нордсјиланд, кој во моментов е второпласиран во најсилната лига на Данска.

Игра на крилните офанзивни позиции во средниот ред, но и во самиот напад, со постигнати 22 гола на 35 натпревари за Оранџ Каунти во сезоната 2022, во која беше прогласен и за „златна копачка“ во лигата. Претходно во кариерата има настапи и за Реал Солт Лејк во САД.

„Кога слушнав за интересот од Норсјиланд веднаш бев привлечен од една таква можност да играм во Европа, и тоа во клубот со максимални амбиции. И беше навистина лесен избор за да потпишам, па со огромно нетрпение го очекувам доаѓањето во клубот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на сите во клубот“ – истакна Илоски на официјалната промоција во новиот клуб.

Според договорот меѓу двата клуба Илоски најпрво треба да ја доврши сезоната во САД до крајот на годината, па затоа во Нордсјиланд се сели од јануари 2024 година.

Илоски досега нема настап за ниту една селекција на САД, со што со добиен ФИФА пасош има право за настап за македонската репрезентација.

Се вчитува...