Младиот македонски голман Стефан Јовановски е еден од најголемите таленти на славниот чешки клуб Славија Прага. 17-годишниот Јовановски е дел од селекцијата на Чешка до 18 години, но не крие дека негова прва и основна желба е да брани за Македонија, земјата на неговиот татко – славниот поранешен фудбалер на Тетекс и Љуботен, Зоран Коки Јовановски.
Пред две години Стефан Јовановски бранеше за репрезентацијата на Македонија, играчи до 16 години, повикан од селекторот Тони Јакимовски, а под тренерската палка на поранешниот голман на Слога, Суад Зендели. Бранеше на пет пријателски натпревари. По неговите одлични настапи за селекцијата во тој период и неговата голема желба да продолжи да игра за репрезентацијата на Македонија, беше покрената постапка да добие македонски пасош, бидејќи поседува само чешки каде е роден. Но, од тогаш изминаа две години, младиот Стефан се уште го чека македонскиот пасош. Што е уште поинтересно, кога луѓето од Славија Прага и Чешката фудбалска федерација дозналe дека брани за младата селекција на Македонија, беше извршен голем притисок на него да брани за Чешка па во моментов е дел од младите селекции на оваа земја, иако и натаму не крие дека неговата голема желба е да игра само за Македонија.
„Иако живеам во Чешка и бев повикан и во младите селекции на Чешка, јас сум Македонец, моето семејсто е од Тетово и мојата голема желба е повторно да бранам за една од младите селекции на Македонија“ – ни изјави младиот Стефан во телефонскиот разговор.
Но, проблемот за сега е македонскиот пасош за да може во иднина да брани на официјалните натпревари за Македонија.
Како што вели и пoранешниот сојузен фудбалски судија од Македонија, Стојан Илиевски, кој сега живее во Прага, 17-годишниот Стефан Јовановски е огромен талент поради што од Славија Прага за него сега го подготвуваат и првиот професионелен договор во сениорскиот тим.
„Голем талент… Сигурен, храбар, вистински командант на одбраната. Тренерот на Славија, Јиндрих Трпошовски, мој добар пријател, не крие дека не сакаат да го загубат и наредниот период ќе биде потпишан професионален договор со него“ – ни открива Илиевски.
17-годишниот Стефан е син на Зоран Коки Јовановски, кој заедно со неговиот брат Ивица беа дел од славниот тим на Тетекс. Зоран по настапите за Тетекс во 1992 година реализираше трансфер во Чешка, каде настапуваше за Бенешов, Чешка Липа и Чешке Будејовице. Останал да живее во Прага, па сега неговиот најмлад син, Стефан, брани за репрезентацијата на Чешка, играчи до 18 години за која веќе има 10 настапи. Во очекување на македонскиот пасош. Иако има неполни 18 години, тој е веќе и трет голман во сениорската екипа, веќе две години е заедно на подготовки со сениорскиот тим, тренира со првотимците, а брани на официјалните натпревари за младиот тим на Славија.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА