Обрван останува на чело на Хрватска и покрај мундијалското фијаско

Поранешниот македонски селектор Ивица Обрван нема да добие отказ од функцијата предводник на женската национална селекција на Хрватска, без оглед на неуспехот на Светското првенство што се одржува во овој период на Скандинавскиот полуостров.

Хрватска беше многу блиску до четвртфиналето, но фијаското во завршницата од дуелот со Унгарија (која веќе беше елиминирана) значеше дека „коцкестите“ прерано го завршија својот мундијалски настап. Сепак, челниците на федерацијата преку соопштение до јавноста објавено денеска искажаа целосна поддршка за Обрван.

„Новиот селектор, да потсетиме дека ја презеде репрезентацијата десетина дена пред почетокот на СП, во ситуација кога не ги ни познаваше поголем дел од ракометарките, а дел од нив беа сериозно лимитирани поради повреди. Не му беше лесно да ја склопи целата приказна, а да не ја наруши атмосферата во екипата. По ова првенство, сигурно ќе биде попаметен и не се сомневаме дека оваа репрезентација ќе изгледа сосема поинаку под негово водство во иднина. Ивица Обрван е многу добар тренер и тој го нема заборавено својот занает. Сплет на несреќни околности го доведе во ситуација во која никогаш се немаше најдено во тренерската кариера, а нема потреба да потсетуваме што се има освоено тој како тренер“, се вели во соопштението на Хрватската Ракометна Федерација.

Се вчитува...