Швеѓанките ја прегазија Германија за мундијалско полуфинале

Шведска е третиот полуфиналист на Светското првенство во ракомет за жени откако скандинавската селекција лесно и убедливо славеше над Германија со резултат 27-20. Овој дуел барем на хартија требаше да биде најнеизвесен од сите четвртфинални пресметки, но наместо тоа мина во апсолутна доинација на Швеѓанките, кои заслужено се најдоа меѓу најдобрите четири селекции на овој шампионат.

Цврстата одбрана и извонредната голманка Бундсен беа клучот во неверојатното прво полувреме во кое Шведска доминираше од почеток до крај, на одмор заминувајќи со преубедливи десет гола предност (16-6). Скандинавките потоа ја одржуваа убедливата позитива до петнаесетина минути до крајот, Германките за момент дојдоа на четири гола разлика (22-18), но Шведска со два брзи гола го реши победникот и на крајот заслужено славеше со убедливи 27-20.

Бундсен беше најдобра ракометарка на натпреварот,  шведската голманка собра 16 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Блом, Хагман, Робертс и Мелегард со по пет погодоци.

Швеѓанките за ривал во полуфиналето ќе го имаат победникот од последното четвртфинале меѓу Данска и Црна Гора, што се игра вечерва.

Се вчитува...