Трансферот на Елиф Елмас од Наполи во Лајпциг е завршена работа и се чека само на официјализација, која дефинитивно ќе биде до крајот на декември, за Елмас уште годинава да замине во новиот клуб.
Информациите од Италија велат дека на трансфер прв инсистирал македонскиот репрезентативец, разочаран од премалата минутажа што ја имаше во Наполи на стартот од сезонава. Тој веќе има постигнато договор со Лајпциг околу долгогодишниот договор со овој германски прволигаш, а во прилог му оди и што Лајпциг веднаш се согласи да плати 25 милиони евра, колку што побара Наполи за нашиот репрезентативец.
Тренерот Мацари веќе јавно порача дека оној кој не е задоволен може да си замине, а медиумите од Неапол објавија и дека Елмас денеска и дефинитивно се збогувал со соиграчите. Елиф чека само телефонски повик дека она што е договорено е и официјално потпишано, за да замине на лекарски прегледи и потпис во Германија.
Тимот на Лајпциг моментно се наоѓа на четвртото место на табелата во Бундес-лигата со 33 бода, девет помалку во однос на лидерот Баер Леверкузен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА