Во првата македонска фудбалска лига се игра едно од најинтересните првенства во последно време, во кое три тима се борат за титулата. „Пеколна“ е битката, секој бод е важен, а минатото коло „кикс“ направија и Шкупи и Струга ТЛ кои не успеаја да победат, па така најмногу профитираше Шкендија која со победата над Вардар, успеа да се израмни со стружани, и да биде на бод заостанување од лидерот Шкупи.
Шкендија и Шкупи денеска имаат незгодни гостувања. Шкендија гостува во Турново кај тимот на АП Брера, која имаше одличен почеток на пролетниот дел, со исклучок на минатото гостување кај Гостивар кога одигра слабо и загуби со 2-0. АП Брера ќе сака враќање на победничките патеки, но Шкендија е во налет, особено после победата над Вардар на домашен терен.
Шкупи после „киксот“ на домашен терен со Тиквеш, ќе треба да се вади на гостувањето во Штип кај Брегалница. Штипјани се во опасната зона, и ќе мора да почнат да освојуваат бодови ако сакаат да се изборат за опстанок.
Македонија ЃП со нов тренер во името на Бобан Грнчаров гостува кај Струга ТЛ. Едните се борат за титула, другите за опстанок, а стружани важат за фаворити, додека секој бод за „лавовите“ ќе биде драгоцен за останување во „елитата“.
Скопското дерби, кое некогаш привлекуваше огромно внимание, се игра на „Борис Трајковски“. Вардар го дочекува тимот на Работнички. После поразот во Тетово, „црвено-црните“ се под императив на победа во битката за опстанок, а од друга страна Работнички не смее да си дозволи нов „кикс“ затоа што може многу лесно да „заплива“ во „опасни води“.
Во Кавадарци, Тиквеш после ремито на Чаир, игра против Силекс. Кратовци со Александар Васоски на кормилото немаат победа во пролетниот дел од сезоната, а Кавадарци не е добар терен ниту момент да го бркаат првиот пролетен триумф, но бодовите се императив и за едните и за другите.
ПМФЛ, 22. КОЛО (ДЕНЕСКА, 14:00 ЧАСОТ)
Турново: АП БРЕРА – ШКЕНДИЈА
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ
Струга: СТРУГА ТЛ – МАКЕДОНИЈА ЃП
Кавадарци: ТИКВЕШ – СИЛЕКС
Скопје, Маџари: ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ
Охрид: ВОСКА СПОРТ – ГОСТИВАР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

