Шкупи забележа и тоа како значајна победа против Работнички од 3-2 во битката за шампионската титула сезонава.
Чаирчани покажаа карактер на вчерашниот дуел од 23. коло во ПМФЛ, па иако најпрво пропуштија предност и од 2-0, потоа умешно се вратија во мечот за заслужени три бода од пресметката со „романтичарите“.
Токму поради тоа и тренерот на Шкупи, Младен Жижовиќ, не можеше да ги сокрие пофалбите за своите соиграчи кои се издигнаа и во моментите кога се чинеше дека ќе се нема сили за победа.
„Мислам дека натпреварите до крајот ќе бидат слични како овој, со израмнети екипи на едно еднакво ниво. Сепак, и покрај тоа што противникот израмни во второто полувреме, мислам дека ние го решивме натпреварот уште во првото полувреме во кое дојдовме до заслужена предност. Потоа направивме индивидуални грешки во опасната зона и дозволивме да примиме голови што внесе нервоза кај нас. Но, потоа покажавме карактер и заслужено дојдовме до победата. Токму затоа овие играчи се херои за мене. Секогаш на терен го даваат својот максимум а тоа е најважно. Добро е што по неколку нерешени исходи и без даден гол се вративме на победничките патеки“ – вели Жижовиќ во изјава за официјалната интернет страница на клубот.
Шкупи следниот викенд го очекува гостувањето против Воска Спорт во Охрид. Чаирчани се на втората позиција на табелата со еден бод зад лидерот Струга ТЛ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА