Шаќири за легендарниот гол од корнер: Англичаните беа џинови, не си ги гледав соиграчите и само шутнав…

Артим Шаќири има зад себе успешна фудбалска кариера, а најнезаборавен момент дефинитивно му е спектакуларниот гол од корнер на гостувањето против селекцијата на Англија.

Поранешниот македонски репрезентативец во тој период настапуваше за ЦСКА Софија на клупски план, па Шаќири во интервју за бугарски „Гонг“ е потсети на тој фантастичен момент во кариерата.

„Не се даваат лесно голови од корнер, потребен е тренинг и напорна работа да погодиш директно од аголот. Тоа ми беше трет таков гол во кариерата, два имав постигнато во првенството на Македонија, но јасно е дека беше многу потешко против Англија, со голман како Симан пред гол-линијата. Тој беше двометраш, истото се однесуваше и на англиските дефанзивци, речиси и да не можев да ги видам нашите фудбалери од англиските џинови во шеснаесетникот. Затоа и се решив да се обидам со директен шут, знаејќи дека немаме речиси никакви шанси во воздушните дуели. Очигледно дека никој не очекуваше, а радоста кога топката беше во мрежата беше неверојатна. Тоа не се опишува со зборови, траеше триесетина секунди или една минута, но потоа моравме да се смириме бидејќи мечот продолжи. Се сеќавам дека тогаш играв за ЦСКА и бев многу популарен по тој погодок, чувството беше фантастично во наредниот период во кој бев во фокусот на вниманието“, изјави Шаќири.

Се вчитува...