Финансиската состојба во ФК Вардар по подолго време повторно е стабилна, па „црвено-црните“ можат да се насочат само на спортскиот дел и подготовките за новата сезона.
Така, „вадарци“ денеска полетаа за Загреб, од каде што ќе се упатат кон финалната дестинација – градот Раденци, во Р. Словенија, каде ќе ги одработи главните подготовки за предизвиците што ќе следат.
„Одличните услови за тренинг и релаксација, кои покрај самиот град ги нуди и врвно рангираниот хотел ,,Радин”, кој со години важи за една од најдобрите бази за подготовка во регионот, надалеку препознаен по своите квалитетни услови, веруваме дека ќе допринесат кон подобро воигрување на екипата, како на физички така и на тактички план“, информираат од ФК Вардар.
Предвидено е екипата да престојува во Словенија до 27 јули, а во следните денови ќе бидат договорени и конкретните противници за пријателските натпревари што тимот предводен од Горазд Михајлов ќе ги одигра како дел од овие подготовки.
Паралелно со тоа, управата на клубот е во преговори за ангажман на нови засилувања, нешто што дефинитивно е неопходно за Вардар повторно да има силна екипа со која би се вмешал во борбата за висок пласман. Доколку во наредните денови бидат потпишани нови засилувања, тие веднаш ќе отпатуваат за Словенија, каде ќе им се приклучат на „црвено-црните“ при тренинзите и контролните средби пред новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА