Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар денеска официјално го претстави планот за подготовките за новата сезона. „Црвено-црните“ закажаа два пријателски натпревари против силните Динамо Загреб и Свонси.
Натпреварот против хрватскиот шампион кој во своите редови има и два поранешни репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми ќе биде одигран на 23 јули од 19 часот на популарниот стадион „Максимир“ во Загреб и ќе има јубилеен карактер со тоа што ќе биде одигран по повод 77. роденден на Вардар.
„Упатуваме благодарност до тимот на Динамо Загреб, за честа и одличната соработка, а воедно упатуваме и порака до навивачите, дека навремено ќе бидат известени за сите новости поврзани со прославата на роденденот на клубот“, стои во објавата на скопскиот клуб на социјалните мрежи.
Натпреварот против англискиот тим кој во минатото се натпреваруваше и во најсилниот фудбалски ранг во Англија – Премиерлигата, а во моментот е дел од Чемпионшишот ќе биде одигран на 27 јули во Австрија со почеток од 12 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА