Денеска се играат натпреварите од третото коло во ПМФЛ. За во 16:00 часот, и за 20:00 часот се закажани натпреварите, а се играат неколку интересни мечеви. Вниманието го привлекува градското дерби Шкупи – Вардар. На „Чаир“ се подготвува „пеколна“ атмосфера, полн стадион и дуел на старите ривали кои во минатото биеле многу битки за бодови.
Во двете екипи дојде до значајни промени на клупите. Вардар остана без Горазд Михаилов кој си замина од таборот на „црвено-црните“ и покрај тоа што неговиот тим го совлада Пелистер. Тимот ќе го води Горан Петрески, поранешниот играч на Вардар кој беше и во стручниот штаб на Михаилов.
Во оваа пресметка со нов тренер влегува и Шкупи. Чаирскиот тим се реши на смена на тренерот Ѓока после поразот од Гостивар од 2-0, меѓутоа новиот тренер е сосема изненадување за навивачите на Шкупи. Некогашниот шампион се реши за прв тренер да го постави досегашниот тренер на голманите, Матеја Мирков, а за негов помошник да го назначи Бобан Бабунски, вардаровата легенда.
„Голема чест ми е што сум дел од Вардар и да бидам прв тренер. Верувам во момците, ќе работиме секојдневно за подобрување на екипата. Мислам дека ќе нема проблем играчите да се прилагодат на мојот систем на игра. Тие што ме знаат, амбициите се секогаш прво место, во животот и во фудбалот. После вакви години е во тешки моменти, но дојдоа нови ветрови, нови луѓе, и сакаат да го вратат клубот каде беше порано, и се надевам дека оваа сезона ќе успееме да избориме во Европа. Ова првенство ќе биде за сите тешко, сите тимови се засилија со нови играчи. Со Шкупи ќе биде тежок натпревар, затоа што загубија два бода во првото коло, и сега беа поразени од Гостивар. Ние си го гледаме нашето, си имаме своја визија, своја тактика“, рече Горан Петрески, новиот тренер на Вардар.
Нешто поцентрално, во Градски Парк на Националната Арена „Тодор Проески“ играат Работнички против Струга ТЛ. Шампионот со две победи го почна новиот поход кон титулата, и двете победи по 1-0 на домашен терен со Тиквеш и со Беса. Ова за нив ќе биде прво гостување сезоната, а доаѓа кај тимот на Работнички кој има една победа (над Силекс) и едно реми (на гости кај Шкендија). „Романтичарите“ добро ја почнаа сезоната, а дали може да им направат проблеми и на шампионите, останува да се види.
Силекс после убедливиот триумф над Брера минатото коло, гостува во Битола кај Пелистер, кој влегува во оваа пресметка по поразот од Вардар. Воска Спорт на домашен терен ја очекува дуел со Гостивар. Беса како домаќин игра против Тиквеш, додека во вечерен термин во Струмица, Брера го очекува меч против Шкендија.
ПМФЛ, 3. КОЛО
ДЕНЕСКА, 16:00 ЧАСОТ
Гостивар: БЕСА – ТИКВЕШ
Битола: ПЕЛИСТЕР – СИЛЕКС
Скопје, Арена „Тодор Проески“: РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТЛ
Скопје, Чаир: ШКУПИ – ВАРДАР
Охрид: ВОСКА СПОРТ – ГОСТИВАР
20:00 ЧАСОТ
Струмица, стадион „Благој Истатов“: БРЕРА – ШКЕНДИЈА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА