Шкендија славепе со убедливи 5-1 на дуелот против Воска и се врати на врвот на прволигашката табела. Сепак, тренерот Јетон Беќири јасно им стави до знаење на своите фудбалери дека не му се допаднало опуштањето во играта во завршницата откако трите бода веќе беа осигурани.
„Важна победа до која стигнавме со сигурна игра и ефикасна реализација во нападот. Секој тим треба да се почитува подеднакво, ние влеговме со максимален респект кон Воска и таквиот пристап ни го овозможи убедливиот триумф. Многу сум задоволен од играта во првото полувреме, но исто така не сум задоволен од она што го видов во вториот дел. Бевме премногу опуштени, застанавме поради резултатот, такво нешто не смее да се случува на тим како Шкендија. Опуштањето придонесе да му дозволиме на гостинот да создаде неколку шанси“, изјави Беќири.
Стратегот на тетовци гледа простор за напредок во играта на својот тим, нешто што ќе биде неопходно за да се остане на чело на табелата.
„Да, убеден сум дека Шкендија мора да напредува, да игра се подобро секој следен меч. Мораме да се научиме да одржуваме баланс во играта, бидејќи лигата е премногу израмнета. Затоа, не смееме да заспиеме затоа што во моментов сме први, туку уште повеќе да работиме“, порача тренерот на Шкендија.
Тетовските „црвено-црни“ се лидери со 14 бода на табелата, пред Гостивар и Работнички со по 12 и актуелниот првак Струга ТЛ со 10 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА