Шампионот на „поправен“ во Охрид, Вардар под рефлектори брка нова победа

И натаму не стивнуваат реакциите од одиграното 6. коло во ПМФЛ и дуелот помеѓу Тиквеш и Вардар, кој „црвено-црните“ го добија со 0-1, и контроверзии на крајот на мечот, а денеска нови шест натпревари на програмата од 7. коло во прволигашката конкуренција.

Се играат неколку интересни натпревари, особено ако се има во предвид дека на некои екипи веќе почнува да им „гори под нозете“, па се очекува, конечно, да заиграат како што од нив се очекува.

Така Струга ТЛ која доживеа непријатен пораз на домашен терен од Шкупи со убедливи 0-3, сега гостува кај Воска Спорт. Се освен победа на Струга ТЛ ќе значи и дополнителни проблеми во битката за одбрана на титулата. Очекуваат стружани победа, и конечно една добра серија со која ќе се вратат на врвот на табелата во ПМФЛ.

„Го почитуваме и респектираме секој противник, а така е и Воска Спорт. Сепак, против секого ако не го дадеме максимумот, ќе ни биде тешко. Верувам дека на овој меч ќе го подобриме пристапот и на крајот ќе се радуваме на победа. Ние сме клуб со многу млади и квалитетни играчи, и нема место за паника. Има уште многу мечеви до крајот. Свесни сме дека работите сега не одат како што треба, но со напорна работа и тимски дух ќе се вратат победите“, вели Марјан Радески, играчот на Струга ТЛ. 

Тиквеш исто така ќе треба да се „вади“ за поразот против Вардар, но незгодно е местото каде што треба да го прави тоа. Гостува на екипата на АП Брера, која игра се подобро откако го смени тренерот. Беше пред триумф и над Работнички на гости, но на крајот успеа да освои само бод.

Интересно ќе биде и на Маџари, каде што Гостивар ќе го чека тимот на Шкендија. Шкендија во моментов е првопласирана на табелата, но има пред себе едно од најтешките гостувања во сезоната. Исто така и Работнички има тешко и жешко гостување во Битола кај Пелистер.

Шкупи ќе треба да ја потврди кандидурата за врвот против Беса на домашен терен на Чаир, меч кој го чека во супер расположение после победата над Струга ТЛ на гости.

За крај на ова коло, во вечерен термин на Националната Арена „Тодор Проески“ се очекува одличен меч помеѓу Вардар и Силекс. Вардарци влегуваат во пресметката осоколени со победата во Кавадарци (потоа ја добија службено со 0-3), додека Силекс ќе треба да бара решение за подобри гостински изданија сезонава. Кратовци влегуваат во овој меч после пораз од Гостивар на домашен терен.

ПМФЛ, 7 КОЛО

ДЕНЕСКА, 15:00 ЧАСОТ:

Струмица, стадион „Благој Истатов“: БРЕРА – ТИКВЕШ

Битола: ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ

Скопје, Чаир: ШКУПИ – БЕСА

Охрид: ВОСКА СПОРТ – СТРУГА ТЛ

Скопје, Маџари: ГОСТИВАР – ШКЕНДИЈА

ДЕНЕСКА, 20:00 ЧАСОТ:

Скопје, нац. Арена „Тодор Проески“: ВАРДАР – СИЛЕКС

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...