„Дарко Панчев е најзначајната фудбалска личност во историјата на Македонија“ (ФОТО)

Во присуство на многубројни гости, спортски легенди, новинари и обожаватели од сите генерации, во преполната „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ синоќа беше промовирана првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев.

Најдобриот македонски фудбалер во исторјата не го криеше задоволството од присуството на големиот број негови поддржувачи кои дадоа почит за се што остави за Македонија со освојувањето на европските и светски титули, но и индивидуалните признанија како „Златна копачка“ на Европа и освоената Сребрена топка во 1991 година.

„Им благодарам на играчите од мојата генерација, без нив не би бил тоа што станав. Имав среќа што се погодив во една феноменална генерација, која успеа да се издигне со квалитет, која придонесе (во тие 5-6 години) нашиот народ да се почувствува горд дека Македонецот има квалитет, дека вреди нешто, а тоа сите ние го чувствувавме. Тоа беше еден многу убав период за сите нас во Скопје и во Македонија. Фала им и на моите соиграчи од Кисела Вода, од каде што почнав и со кои публиката почна првпат да нè запознава, и тоа е значаен дел од мојата кариера… Му благодарам на Зоран Михајлов, нашиот доајен на спортското новинарство, кој цел живот го посвети на спортот, што се нафати да ја напише мојата биографија. Со своето искуство срочи книга, која мислам дека ќе ви биде интересна за читање. Можеби ги нема сите анегдоти, но има опфатено многу интересни и значајни моменти. Животот на еден спортист не е едноставен, има многу патувања, тренинзи и напорни моменти, но има и интересни случувања, на кои и денес се сеќаваме. Често се шегуваме со Васил Рингов, да имало некој да нè следи и да пишува за нас додека сме играле, тоа сигурно би било не само бестселер, туку и повеќе од тоа. Имаше убави случки, но и периоди кога не ни одеше, но сето тоа е нормален дел од спортот… Сите важни моменти од кариерата се опфатени тука. Се надевам дека ова дело ќе биде инспирација за младите генерации“ – истакна вчера Панчев.

ПОВРЗАНО: Промовирана првата авторизирана биографија за Дарко Панчев… (ФОТОГАЛЕРИЈА/ ВИДЕО)

„Дарко Панчев е историска личност, најголемиот фудбалер во историјата на Македонија. Со своите голови покажа една голема вистина: дека Македонија има врвен фудбалер… Како што напишаа Французите со зачуденост, по неговиот прв настап со Црвена звезда во Франција кога даде пет од вкупно шест гола против ЦСКА Софија: „Кое е ова момче?“ Но, не знаеја дека тоа момче е Дарко Панчев, кое учеше фудбал прво на улица, па во школскиот двор, па дојде до помошното игралиште на ФК Вардар, па Градскиот стадион, па „Маракана“ каде што ја доживеа најголемата слава. Факт е дека Панчев одбележа еден фудбалски период во Европа, од Вардар кога играше првпат во Купот на европските шамиони во 1987 против Порто, тогаш во цела Европа се расчу за Вардар и за генерацијата на Панчев. Тогаш многумина помислија дека тоа учество е сосема случајно, како и освојувањето на шампионската титула, но не беше така, сите се измамија затоа што некои не беа свесни дека тимот го има Дарко Панчев – кој и ден-денес е на ранг-листата на најмлади професионални фудбалери што постигнале најмногу голови. Тој имаше дадено 19. Да се пишува биографија е навистина тешко, потребна е многу комуникација со луѓе. Книгата не можеше да се замисли без изјавите од ѕвездите на Вардар, тоа што го зборуваат во книгата е многу клучно. Затоа препорачувам да се прочита. Ќе издвојам една изјава од Гордан Здравков кој, на прашањето која е тајната зошто Панчев дава голови, рече: „Господ му дал!“ Со тоа мислам дека е кажано сè… Во Црвена звезда го достигна врвот, каде што го постигна најзначајниот гол со кој Звезда стана европски шампион и кој придонесе името на Дарко Панчев да се спомнува на сите меридијани, затоа што тоа не беше обичен гол, тоа беше гол за победа, гол за европски и светски шампион. Да напоменам дека Дарко беше член и на југословенската репрезентација, и дека многу ми е жал што не замина на Олимпијадата во Лос Анџелес и можам нескромно да кажам дека ако отидеше Дарко, сигурно ќе бевме олимписки шампиони, затоа што патот до таа Олимпијада на репрезентацијата ù го отвори токму Панчев со клучниот гол против Холандија“ – рече авторот на книгата, доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов.

Се вчитува...