Антиќ ја доби собраниската битка, останува на чело на КФСМ

Перо Антиќ останува на чело на КФСМ и во наредниот период, откако не успеа иницијативата на клубовите за смена на раководството на куќата на кошарката. Собранието беше неуспешно, откако не беше усвоен ниту дневниот ред ниту било која точка вклучувајќи го и финансискиот извештај за работењето на федерацијата во 2024 година. Во преден план сепак остана „борбата за тронот“, Антиќ барем уште извесен период останува како претседател.

Движењето за кошаркарски промени веќе долго време ковеше план за смена на Антиќ, но падна на „правниот испит“, не пријавувајќи ја точката за гласање на недоверба во претседателот во предвидениот рок од 15 дена пред почетокот на закажаното Собрание, како и не земајќи ја во предвид точката од Статутот што своевремено ја вметна Петар Наумоски.

„Мандатот на Претседателот на Федерацијата трае четири години, но минимум две години од започнат, обновен или потврден мандат не може да се поднесува Иницијатива од страна на членките на Собранието на КФСМ за одржување на Вонредно изборно Собрание“, гласи членот 39 од Статутот на КФСМ, кој им создаде огромни проблеми на иницијаторите за промени.

Седницата мина во бурна атмосфера и траеше пет часа, за на крајот сепак да биде неуспешно одржувањето на целото собрание. Неминовно е одржувањето на ново собрание во 2025 година, период во кој иницијаторите ќе треба да постапат согласно Статутот на КФСМ и да тргнат во нов налет за менување на претседателот.

Едно е јасно, Перо Антиќ ја доби денешната битка, но војната за федерацијата допрва ќе се разгорува…

Се вчитува...