Славчо Георгиевски-Тупан е најблиску да го замени досегашниот шеф на стручниот штаб на гевгелискиот второлигаш Кожуф откако неочекувано си замина од таа функција Филип Деспотовски. Како што дознаваме, раководството на Кожуф, во согласност со играчите, имаат желба екипата во пролетната сезона од клупата да ја води Славчо Георгиевски-Тупан, кој е тренер во Фудбалската Академија на ФФМ. Георгиевски има богата фудбалска кариера, играше за скопски Вардар, за романскиот клуб Клуж, потоа во Бугарија за Вихрен од Сандански и Славија Софија за да на крајот активната фудбалска кариера ја заврши во кинескиот клуб Ханжу Таун.
Како тренер започна во Работнички како помошник, потоа една сезона беше тренер на Скопје, две години на Тетекс, за да продолжи во Фудбалската академија на ФФМ. Се ќе биде познато по божиќните празници кога се очекуваат завршните разговори со Георгиевски, на кого веќе му е испратена понудата од Кожув за местото шеф на стручниот штаб. Славчо Георгиевски ќе биде трет тренер на Кожуф во последните месеци по Трајче Сенев и Филип Деспотовски.
Дознаваме дека тренерот Филип Деспотовски, иако Кожуф имаше добри есенски резултати, освои 22 бода и се најде во средина на табелата, поради некои недоразбирања со раководството на клубот поднесе оставка. Не е тајна дека тој и поголем број на фудбалери беа незадоволни поради нередовната исплата на примањата, некои од нив се подготвуваат во зимскиот преоден рок да си заминат иако пред неколку дена им беа исплатени дел од платите. Поради тие финансиски проблеми, и спортскиот директор Ристо Танев најави оставка на функцијата. Сепак, според информациите што ги имаме, финансиските проблеми се решени, Кожуф за пролетната сезона подготвува нов тим и со нов тренер и веројатно ново раководство на клубот нема да стравува за својата иднина во Втората лига.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА