Победа промовираше три нови имиња за пролетната сезона, се најавуваат уште четири засилувања

Фудбалерите на прилепска Победа ги започнаа подготовките за пролетната сезона во која ги очекува тешка борба за опстанок во Втората лига. Под специфични временски услови играчите го одржаа првиот тренинг под раководство на тренерот Стојанче Дунимагловски, кој во средината на есенската сезона дојде на местото на Јане Николоски.

Иако времето не им е наклонето на играчите, ќе се тренира во Прилеп ,но веќе се закажани и четири пријателски средби до почетокот на пролетната сезона и првиот меч со Брегалница што ќе се одигра во Прилеп на 15 февруари. На 18 јануари Победа ќе игра со Воска во Охрид, на 29 јануари со Шкендија во Арачиново, на 4 февруари со Пелистер и на 8 февруари, генерална проба со Вардар од Неготино.  И овие два меча ќе се одиграат во Охрид за да се сочува теренот на Градскиот стадион во Прилеп.

Во овој зимски период Победа ја напуштија голманот Антонио Толевски кој замина во Слога од Виница, Давид Дебрешлиовски и Давид Јошевски кои потпишаа за Детонит Плачковица. Засега нови играчи се Петар Петровски кој се врати од Слога Виница, Метим Керими од Вардар Неготино и Насиф Шабанов од Новаци. Меѓутоа, како што не информира претседателот на клубот Благоја Гешоски, Победа е во преговори со уште четворица играчи кои би требало да ја засилат екипата за пролетната сезона.

Во клубот се свесни дека ги очекува неизвесна пролет во која ќе водат голема борба за опстанок во Втората лига бидејќи немаат големо бодовно салдо. Победа е на 12 место на табелата со само 14 бода, колку што има и Вардар од  Неготино. Зад нив се Осогово со 8 ,Вардарски и Борец со по 5 бода.

М.М

Се вчитува...