Каков меч: Кузмановски побрз од сирената, Македонија до реми против Австрија

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонија го одигра второто реми на четвртиот меч од СП 2025 откако нашата селекција ремизираше 29-29 против Австрија. Во меч со бројни пресврти бевме на моменти блиску, на моменти и далеку од триумф, но на крајот стигнавме до бод благодарение на извонредниот погодок на Филип Кузмановски, кој беше побрз од сирената и спречи да претрпиме пораз на овој дуел во кој целосно им париравме на Австријците.

Од самиот почеток го контролиравме ритамот на натпреварот, отворивме со 1-0 преку Лазаровски, а нешто подоцна со головите на  Митев и Петар Атанасијевиќ во 5. минута поведовме со 3-1. Местл за момент се разбрани на голот на Австрија, со две одлични интервенции прекинувајќи го нашиот ритам во нападот. На нашиот гол застана Кизиќ, бранејќи го пеналот на противникот пред повторно да му го отстапи местото на Митревски при наше водство од 4-3.

Митев блесна со гол од пробив за 6-4, притоа и исклучување за Хербургер. Предноста од играч повеќе ја искористивме со гол на Лазаревски и наша прва предност од три погодоци (7-4, 17. минута). За жал, потоа следеше пад во нашата игра, по што Австрија за помалку од две минути израмни на 7-7. Одговоривме со голот на Митев и на Кузмановски (од пенал), по што австрискиот селектор во 21. минута го побара првиот тајмаут на мечот при наше водство од 9-7.

„Фалангата“ беше во значително помал број во однос на првата фаза, но присустните во салата им даваа голема поддршка на нашите ракометари. Австрија уште еднаш успеа да се врати и израмни на 11-11, а потоа во 29. минута и дојде до прво водство на мечот (11-12) преку пивотот Вагнер, по што Лазаров беше принуден да побара тајмаут. Серафимов даде гол веднаш по тајмаутот, голманот Митревски блесна со украдена топка по која Атанасијевиќ израмнии на 13-13, но по примениот гол во последната секунда на одмор заминавме со „минус еден“ (13-14).

Кизиќ застана на голот на стартот од вториот дел и веднаш запре зицер од крило, а Кузмановски го постигна првиот гол за нас во второто полувреме, на истекот на 34. минута за 14-15. Нападите „седум на шест“ на Австрија ни создаваа проблеми, судиите од Чешка зачестија со седмерците за противникот, а Македонија на спротивната страна го постигна најубвиот гол на мечот во 39. минута, кога Костески мајсторски реализираше цепелин на додавање на Велковски. Кузмановски даде значаен гол за 17-17, изнудувајќи и исклучување од Ластро. Македонија повторно влезе во ритам, па со гол на Џонов во празна мрежа се вративме во водство (18-17, 40. минута).

На половина од второто полувреме резултатот беше израмнет (19-19), во нападот бевме се подобри, но во одбраната се мачевме против „седум на шест“ на противникот (22-22, 50. минута). Пајовиќ побара тајмаут на нешто повеќе од десет минути до крајот, а по голот на Австрија за 22-23, Лазаров реши да побара минута одмор за да ги посоветува своите ракометари. Џонов го постигна и третиот гол во второто полувреме за 23-23, а потоа важен момент – Австријците го погодија дирекот, а Велковски ја фати топката и од сопствените шест метри ја смести во празната мрежа, за водство на Македонија од 24-23.

Кузмановски изнуди исклучување при 25-25 на помалку од шест минути до крајот, веднаш реализиравме за ново водство преку Костески, но Австрија имаше долг напад од нецели две минути со кои израмни на 26-26. Пешевски беше важен адут во клучните моменти, со гол и изнуден пенал, што за жал Кузмановски не го претвори во гол на почетокот од 59. минута, при израмнети 27-27. Беше досуден седмерец и на спротивнста страна, Дамбок го совлада Кизиќ и донесе водство на Австрија од 27-28. Марко Митев блесна уште еднаш и со својот шести гол донесе израмнување од 28-28, по што Австријците трпеливо влегоа во последниот напад, а нивниот селектор Пајович побара тајмаут на 27 секунди пред крајот. Австрија го реализираше последниот напад на четири секунди до крајот, Лазаров зеде тајмаут, а потоа Кузмановски капитенски презеде одговорност и со гол од над 12 метри ги израдува членовите на „фалангата“ во арената во Вараждин.

Митев беше прв стрелец со осум гола, пет постигна Пешевски, а четири Филип Кузмановски.

 

Се вчитува...