Ракометарите на Е. Пелистер во супер-драматичен натпревар триумфираа против Динамо Букурешт со 25-24 (12-13) во 12. коло од Групата во Лигата на шампионите, со што останаа во игра за шестата позиција на табелата која води во нокаут фазата од најквалитетното европско клупско натпреварување.
Во последните 15 минути од дуелот, почнувајќи од 19-18 се играше гол за гол, притоа македонскиот шампион постојано одржувајќи предност од еден гол разлика. Во последната минута „пелистерци“ дојдоа до водство од 25-24, гостите имаа напад за израмнување на 20 секунди пред крајот но извонредниот Никола Митревски на голот, издвојувајќи се уште еднаш како херој на тимот, го одбрани обидот на Романците, на крај за големи славје на македонските ракометари.
Најдобар поединец кај македонскиот шампион беше, без сомнение, Никола Митревски со 16 интервенции од кои и онаа победничката во последната секунда. Најдобар стрелец, пак, беше Тајник со шест гола, а по пет погодоци запишаа Кузмановски и Радивојевиќ. Атанасијевиќ мечот го заврши со три постигнати гола. Кај гостите се издвои Чехот Кашпарек со пет гола.
Е. Пелистер сега повторно со 8 бода се израмни на делба на шестата позиција на табелата со екипата на Висла Плок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

