Вардарски повторно смени тренер: Бојан Захариев на кормилото

Само две кола, од се уште есенскиот дел од првенството на Втората фудбалска лига на Македонија, траеше љубовта меѓу Вардарски и тренерот Ставре Ташев. По 43 одржани тренинзи,  комплетирање  на „ растурената екипа“, по почетните два порази од Скопје 0:2 и Кожув 0:1, еден од легендите на гевгелискиот фудбал си поднесе оставка пред саботниот меч со Детонит Плачковица.

– Дојдов со голема желба да му помогнам на Вардарски, да се спаси по катастрофалните есенски резултати, кога беа освоени само 5 бода, но и покрај сите мои напори, благодарејќи на некои луѓе кои му останаа верни на клубот, тешко одеше. Немаше квалитетни играчи, имаше и некои недоразбирања во клубот и затоа донесов одлука да си заминам, ни рече Ташев, кој на кормилото на Вардарски дојде по Васе Беќаров, Ѓоре Јовановски и Трајче Ников.

Саботниот меч на Вардарски со Детонит Плачковица (1:4) го водеше новиот, на брзина избран тренер Бојан Захариев од Скопје. Едно време беше и претседател на Вардар од Скопје во неговите најтешки денови кога се бореше дури и за својот опстанок на фудбалската сцена, кога ги менуваше претседателите како на филмска лента. Захариев работеше и во неколку други клубови, меѓу кои и Беласица, Брегалница…

Во првиот дел од првенството, на клупата на Вардарски, од стартот до сега, седеа дури пет тренери што јасно покажува за хаотична ситуација во клубот. Затоа е и последен на табелата, со се уште тие 5 првични бода, кои не носат ништо добро во продолжението на првенството  на  Втората лига. Меѓутоа, што е интересно, се уште има надежи за Вардарски да игра  барем бараж за опстанок, бидејки Борец има 7, Осогово 10 бода (другите со 20 бода се далеку пред нив) и се уште има да се игра до крајот. Но, за тоа да се оствари треба да се сменат многу работи во клубот, не само да се менуваат тренерите.

М.М.

Се вчитува...