Бојку: Струга ТЛ не го кажала последниот збор сезонава, тоа ќе го покажеме против Шкендија

Струга ТЛ се наоѓа во резултатска криза на почетокот од пролетниот дел од сезоната, која ќе сака и мора да ја прекине во денешната дерби пресметка од 22. коло во Првата македонска фудбалска лига против Шкендија пред своите навивачи.

Бесмир Бојку очекува преполни трибини и голема победа, која би означила враќање на позитивните резултати.

„Свесни сме дека се соочуваме со многу квалитетен тим, како што е Шкендија, но Струга ТЛ се уште го нема кажано последниот збор оваа сезона…“ – вели Бојку, кој признава дека тимот е во мини-криза, по трите едноподруго порази во пролетниот дел.

„Вистината е дека сме во мини-криза, но утрешниот натпревар против Шкендија е токму најдобриот момент за излез од оваа резултатска криза. Со оглед на квалитетот што го имаме во тимот, верувам дека 5. место на табелата во моментов не е реално. Денешниот дуел е добра можност да се вратиме на вистинскиот пат и да докажеме дека не случајно сме актуелни шампиони“.

Бојку верува дека и навивачите ќе им помогнат во битката за бодови.

„Натпреварите со Шкендија отсекогаш биле непредвидливи и интересни, па ја користам оваа прилика да ја поканам струшката јавност да биде присутна во што поголем број, со еден збор наш 12-ти играч“ – истакнува фудбалерот на стружани кој денеска го игра својот 90. натпревар во дресот на Струга ТЛ.

ПМФЛ – 22. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Струмица: АП БРЕРА – ГОСТИВАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР

Гостивар: БЕСА – СИЛЕКС

Битола: ПЕЛИСТЕР – ВОСКА СПОРТ

Струга: СТРУГА ТЛ – ШКЕНДИЈА

Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКУПИ

 

Се вчитува...