Едниот брат игра за Веспрем, другиот денеска потпиша за Барселона

Барселона успеа да осигура важен потпис за наредната натпреварувачка сезона откако денеска го официјализираше трансферот на Сеиф Елдера.

Станува збор за 26-годишен египетски репрезентативец кој настапува на позицијата лев бек, кој денеска потпиша двогодишен договор со Барса што ќе стане валиден по завршувањето на оваа сезона. Сеиф Елдера пристигнува од францускиот прволигаш Лимож каде настапува во претходните три години, а „фараонот“ сезонава е најдобар стрелец на оваа екипа со 99 гола на 20 средби во француското првенство.

Сеиф е помлад брат на Јехиа Елдера, кој настапува за Веспрем, па ова семејство во следната сезона ќе има двајца ракометари кои ќе бидат дел од Лигата на Шампионите.

„Ова е трансфер од соништата. Барселона е толку голем клуб, оди на победа на буквално секој натпревар и мене ми е чест што доаѓам овде. Знам дека конкуренцијата е огромна и ќе морам да се изборам за да добијам шанса да ги покажам своите квалитети, но подготвен сум за тој предизвик“, истакна новото засилување на каталонскиот гигант. 

Се вчитува...