Пролет го скрши отпорот на Борец

Тинекс Пролет експресно се врати на победите во плејаут натпреварувањето откако скопскиот клуб вечерва на домашен терен славеше над Борец со резултат 36-30. Избраниците на тренерот Матлиески брзо се опоравија од поразот од Прилеп во минатат рунда, оправдувајќи ја фаворитската улога за заслужена победа на овој натпревар.

Гостите од Велес одлично парираа, па дури беа и подобар противник во првите дваесетина минути во кои имаа предност од 9-12. Тајмаутот на Матлиески смени многу работи во играта на Пролет, домаќините ја зацврстија одбраната, постигнаа лесни голови на спротивната страна и на одмор заминаа со предност од 18-15. Пролет имаше и плус пет во вториот дел, но Борец не се предаде, успевајќи да дојде на само еден гол негатива (25-24). Домашниот тим сепак одговори на предизвикот, повторно се одлепи резултатски и заслужено триумфираше со конечните 36-30.

Младиот голман Трајков даде значаен придонес во победата на Пролет, најефикасни во победничкиот тим беа Шилегов со девет и Глигоров со седум погодоци, додека прв стрелец на Борец беше Стојановски со девет погодоци.

Се вчитува...