Микел Артета не може да го преболи поразот од ПСЖ во првиот полуфинален дуел од Лигата на Шампионите, меч во кој Арсенал прими гол од првиот удар на противниците, по што до самиот крај не успеа да се врати во натпреварот.
„Топчиите“ имаат за што да жалат ако се земе во предвид дека создадоа одлични шанси, но се беше попусто кога не најдоа начин да го совладаат одличниот Донарума.
„Имавме толку многу шанси за гол… Тоа е причината за поразот, што не ги искористивме своите шанси, а тие дадоа гол од првата. Мартинели и Тросар беа еден на еден со нивниот голман, не успеаја да дадат гол, се ќе беше поинаку ако барем еден од нив реализираше“, разочаран беше Микел Артета.
Шпанскиот стратег сепак не губи верба дека „топчиите“ можат да возвратат со иста мера на реваншот и да стигнат до место во големото финале.
„Ова е само полувреме, јас го кажав истото и кога имавме 3-0 од првиот меч со Реал Мадрид, истиот став го имам и денеска. Одиме во Париз за да победиме, убеден сум дека сме способни за такво нешто. Ако сакаш да ја освоиш Лигата на Шампионите или да бидеш во финалето, треба да направиш нешто исклучитено. Тоа мораме ние да го сториме – да победиме во Париз следната седмица“, порача менаџерот на Арсенал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

