Голем пресврт: Меси добил мега-понуда од Саудиска Арабија, ќе зема повеќе пари и од Роналдо

Лео Меси веќе подолго време преговара за нов договор со Интер Мајами, но последните информации говорат дека Аргентинецот би можел да го шокира својот актуелен клуб и на крајот од сезонава како слободен играч да си замине од Флорида. Преговорите за продолжување на соработката беа во завршна фаза, но ситуацијата се промени откако најдобриот фудбалер на денешницата доби неодолива понуда од Саудиска Арабија.

Шеиците кои раководат со фудбалот во оваа земја решија уште еднаш да си ја испробаат среќата, откако пред две години беа одбиени од аргентинскиот фудбалски генијалец. Повторно е воспоставен контакт и првите впечатоци се позитивни и за двете страни, со што се зголемуваат шансите Меси пред крајот на кариерата да заигра во Саудиска Арабија.

Името на клубот засега не се открива, но се шпекулира дека станува збор за Ал Хилал, актуелниот првак кој најави дека нема да жали за да привлече нови „ѕвезди“ во наредниот период. Неофицијално, на Меси му била понудена плата повисока од онаа што ја заработува Кристијано Роналдо (200 милиони долари по сезона), што уште повеќе го зголемило интересот на Аргентинецот за конкретни преговори и евентуален трансфер во Саудиска Арабија.

Американските медиуми тврдат и дека Лео не е веќе така среќен во Мајами, иако клубот му исполни бројни желби носејќи му поранешни соиграчи од Барселона (Алба, Бускетс, Луис Суарез). Фактот дека лани испадна во раната фаза од плејофот, а годинава Интер Мајами новата сезона ја почна со промениливи игри придонесе Меси да се сомнева во амбициозноста тимот да се закити со титулата.

Тој би сакал да освои уште некој трофеј до крајот на кариерата, а доколку во наредните месеци му стане јасно дека е невозможно во САД, многу лесно може да се пресели во Саудиска Арабија.

Се вчитува...