ЕКИПА во Атина,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров знае што е потребно за да се стигне, но и за да се слави на едно европско финале, па тренерот на Алкалоид ќе стори се за тоа да го пренесе врз својот тим кој е неискусен на ова поле.
Во изминатите денови напорно се работеше, а сите во таборот на Алкалоид се максимално подготвени и мотивирани денеска против АЕК (18 часот, пренос на МТВ), повторно достојно да го претстават македонскиот ракомет, но и да направат чекор до прв европски трофеј во своите кариери.
„Знаете, имам одиграно многу финалиња во кариерата како играч и тоа не било какви, слободно можам да кажам дека тоа се специјални натпревари, различни од било кој друг. Ова се нови моменти во нивните кариери, особено за младите македонски играчи, но верувам дека тимскиот дух и системот што го имаме ќе ги прикрие тие некои ситни недостатоци. Ова е нова ситуација за ракометарите, доста е ја зборуваме, јас им кажувам и им објаснувам што значи да се игра финале. Важноста на овој момент е голема, од срце им посакувам да имаат уште многу европски финалиња во нивните кариери, но може да се случи до крајот ан нивните кариери да не играат уште едно вакво финале бидејќи во европско финале навистина не се стигнува лесно.
„Затоа, треба да го искористат овој момент, им посакувам да имаат уште по десет финалиња во кариерите, но веќе кога сме овде, на еден чекор до трофејот, кога ти се укажува прилика за европски пехар треба да сториш се за да стигнеш до него. Треба да сме свесни и верувам дека сме свесни за големината на овој натпревар, треба да го зграпчиме моментот и да не го респектираме премногу противникот. Ја чувствуваме поддршката на јавноста, особено за реваншот во Скопје, доста се зборува за овој дуел, но најпрвин ќе треба да одиграме квалитетно во Атина. Дојдовме овде со позитивни мисли и можам да кажам дека ќе играме храбро“, истакнува Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

