Крајот на оваа натпреварувачка сезона ќе значи и заминување во пензија на уште еден ракометен великан, откако Арон Палмарсон реши да му каже збогум на професионалниот спорт.
Исландскиот ракометен генијалец имаше уште една година од актуелниот договор со Веспрем, но самиот побарал истиот да биде раскинат, бидејќи сака да ја заврши кариерата. Информацијата официјална на својата веб-страница ја потврди и унгарскиот ракометен гигант, потенцирајќи дека самиот играч инсистирал на крај на кариерата летово.
„На негово барање, решивме да го завршиме договорот со Арон Палмарсон на крајот од сезонава, со што тој ќе ја заврши професионалната кариера. Без оглед на тоа, Палмарсон останува посветен да даде се од себе за да помогне да ги оствариме целите до крајот на сезонава и да се закити со својата трета титула во Унгарија како член на Веспрем“, се вели во соопштението на унгарскиот клуб.
Арон Палмарсон ја почнува кариерата во татковината, во дресот на Хафнарфјордур, по што во 2009 година се сели во Кил, клуб каде што останува до 2015. Потоа тој преминува во Веспрем, а во октомври 2017 во котроверзен трансфер потпишува за Барселона, бранејќи ги боите на каталонскиот гигант до 2021 година.
Тогаш се решава за трансфер во дански Алборг, за во 2023 повторно да го облече дресот на Веспрем, клуб за кој настапуваше до крајот на кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

