Андон Дончевски во посета на Кавадарци

Легендата на македонскиот фудбал Андон Дончевски, кој како гостин на Вардар допатува од далечната Австралија, каде сега живее, за да присуствува на финалето на Купот на Македонија на натпреварот со Струга, беше во посета и во родниот град Кавадарци, на покана на претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз Сашко Тасев. Во куќата  каде што е роден Дончевски има и спомен обележје со неговото име. Дончевски  беше и тренер  на Тиквеш во сезоната 1995/96 година. Тој е единствен жив фудбалер на Вардар, кога е освоен Купот на Југославија 1961 година во Белград по победата во финалето против Вартекс од  Вараждин со 2:1.

Посетата на Кавадарци Дончевски ја искористи да положи цвеќе на гробот на неодамна починатиот Петар Анѓушев со кој заедно играа во финалето кога Вардар го освои Купот на Југославија. Да се потсетиме на тој состав на Вардар кој  е еден од најголемите успеси во  неговата  богата историја. Тоде Георгиевски, Благоја  Вучидолов, Петар Анѓушев, Славко Дацевски, Часлав  Божиновски, Драган Трајчевски, Мирко Илиевски, Стојан Велковски, Андон Дончевски, Владо  Николовски, Петар Шулинчевски.

Андон Дончевски имаше успешна кариера се до пензионирањето. За Вардар има одиграно 335 натпревари, потигна 217 голови. Беше негов тренер во сезоната 1986/87 година кога стана шампион на Југославија. Беше и прв селектор на репрезентација на Македонија од 1993 до 1995 година на 17 натпревари, пред да замине за Австралија каде беше тренер на Македонија Престон.

М.М

Се вчитува...