Раководството на ЕХФ конечно донесе одлука околу тоа кога ќе го додели шампионскиот пехар на Алкалоид, како најдобар тим за изминатата сезона во ЕХФ Европскиот куп.
Спектаклот беше зацрнет од срамното однесување на тимот на АЕК кој одби да го игра реваншот со Грците, по тој меч трофејот остана во Скопје, но јасно беше дека претставници на европската куќа на ракометот ќе мора да дојдат во главниот град за да го доделат пехарот на „сино-белите“ од Автокоманда. Раководството на Алкалоид уште пред една седмица испрати допис во кој бараше информација на оваа тема, за конечно да добие одговор – пехарот ќе биде доделен на првиот домашен меч што Алкалоид ќе го игра во европските купови следната сезона.
Пред самиот почеток на тој натпревар ќе биде организирана прослава на историскиот успех на Алкалоид, првата европска титула од формирањето на овој успешен ракометен колектив.
Трофејот во ЕХФ Европскиот куп е освоен, па управата на Алкалоид реши за следната сезона да аплицира за место во ЕХФ Европската лига, што ќе биде втор настап за тимот на Кире Лазаров во ова европско натпреварување. Алкалоид ќе има загарантирано место во последната квалификациска рунда, но македонскиот тим ќе се обиде да стигне и до директен билет во групната фаза, за што конечната одлука се очекува да ја соопшти ЕХФ до крајот на овој месец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

