Раул Гонзалес ја заврши авантурата во ПСЖ и веќе се насочи кон следниот предизвик во кариерата – овојпат како селектор на националната репрезентација на Србија. Нашиот северен сосед беше во потрага по врвен стратег кој би можел да го извлече максимумот од потенцијалот што го поседува, изборот падна на Раул, кој на крајот го прифати овој предизвик.
За Гонзалес ова ќе биде прв репрезентативен предизвик откако ја напушти нашата национална селекција за целосно да се посвети на ПСЖ. Тој во меѓувреме освои бројни трофеи со „светците“, но изостана оној најважниот – пехарот во Лигата на Шампионите.
Српските медиуми информираат дека „ел Команданте“ веќе го формирал и стручниот штаб, во кој ќе има место за две познати лица за него од времето минато во Вардар. Прв асистент на Гонзалес ќе биде Немања Прибак, легендарниот капитен на Вардар кој долги години настапуваше за „црвено-црните“, а пред една деценија и го облече дресот на македонската репрезентација, бранејќи ги боите на нашата земја на ЕП во Данска и на СП во Катар.
Покрај него, во стручниот штаб на Раул ќе се најде и Марија Лојаница, која со години беше задолжена за физичката подготвеност на ракометарите во Вардар. Таа подоцна работеше и во Веспрем, но сега е подготвена за ангажман во националната селекција на Србија, прифаќајќи ја понудата повторно да соработува со Раул Гонзалес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

