Џексон е трагичарот на Челси, Фламенго со пресврт до победа

Јужноамериканските екипи повеќе од десет години немаа триумф над европските претставници на клупските мундијали, тој тренд беше прекинат со синоќешниот пораз на ПСЖ, за денеска уште еден бразилски тим да земе скалп на гигант од „стариот континент“.

Фламенго е тимот што стигна до цел плен откако вечерва славеше во пресметката против Челси со 3-1. Успехот на Бразилците е уште поголем ако се знае дека по првите 45 минути Челси беше тимот што имаше водство од 0-1, со голот на Нето по една украдена топка на средината од теренот и рутинска реализација од работ на шеснаесетникот.

Бразилскиот состав имаше повеќе од играта, но се мачеше да искреира шанса во првиот дел. Ситуацијата целосно се промени во второто полувреме, кога Фламенго за нецели три минути направи целосен пресврт, со головите што ги постигнаа Бруно Енрике и Данило.

Сите дилеми околу победникот беа разрешени по црвениот картон на напаѓачот Николас Џексон, кој само четири минути по влегувањето во игра стартуваше брутално, за што доби директен црвен картон и го остави својот тим на цедило. Фламенго знаеше како да ја искористи предноста од играч повеќе и постигна уште еден гол преку Валас, за значаен триумф во битката за место во следната фаза од клупскиот мундијал.

Се вчитува...