Прв регионален спортски самит во Скопје: „Спортот како национален идентитет!“

Оваа година Скопје ќе биде центарот на регионалниот спортски дијалог, како домаќин на Првиот регионален спортски Самит, кој ќе се одржи на 10. септември под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“. Овој иновативен и стратешки значаен настан е прв од ваков вид во нашата земја и ќе понуди уникатна можност за поврзување, инспирација и развој на национално и регионално ниво.

Спортскиот самит ќе опфати повеќе теми, меѓу кои: спортска иднина, национална стратегија, инвестиции и иновации. Целта е да се иницираат суштински разговори и конкретни иницијативи поврзани со развојот на спортската индустрија, модернизацијата на инфраструктурата, промоцијата на спортот меѓу младите и дигиталната трансформација на спортските системи.

Ќе се дискутира и за клучни сегменти како што се унапредувањето на младинскиот спорт, идентификацијата и поддршката на нови спортски таленти, спонзорството и спортскиот маркетинг, како и формирањето на долгорочна национална стратегија за спортот во Македонија.

„Скопје со гордост го отвора новото поглавје во регионалната спортска соработка. Првиот Регионален Спортски Самит, под мотото ‘Спортот како национален идентитет и визија за иднината’, не е само настан – тоа е платформа за дијалог, стратегии и визии кои ќе го обликуваат спортот на Балканот. Ова е уникатна можност да ги поврземе спортските лидери, институциите, федерациите и младите генерации во заедничка мисија – да го препознаеме спортот како сила што обединува, инспирира и гради посилни општества. Скопје е подготвено да биде домаќин на промени кои ќе се чувствуваат далеку надвор од спортските терени“ – изјавија од организторите, од „Why Not Communications“.

Самитот ќе ги обедини претставниците на спортските федерации и клубови, професионални и аматерски спортисти, тренери, претставници на државните институции и локалната самоуправа, приватниот сектор, медиумите, универзитетски професори и студенти, како и гости од меѓународни спортски и бизнис организации  регионот.

Во контекст на сè поголемата потреба од интегриран пристап кон спортот – како економски сектор, здравствено и образовно прашање, но и како алатка за општествена кохезија – самитот ќе понуди можност за учество на сите засегнати страни кои сакаат активно да придонесат кон формирање на одржлив и модерен спортски систем. Ќе бидат презентирани добри практики, панел-дискусии и презентации, како и простор за идеи и иницијативи кои ќе произлезат директно од учесниците.

Преку ваков тип вмрежување и стратешка дебата, самитот има за цел да стане трајна платформа за поврзување на спортските работници со инвеститорите, креаторите на политики и медиумите, како и да ги инспирира новите генерации млади да го препознаат спортот како значајна и вредна насока во нивниот личен и професионален развој.

Се вчитува...