Конечно, крај на сагата: Ѓокереш се сели во Арсенал

Арсенал чекаше, долго преговараше, но на крајот успеа да го осигура најважниот потпис летово, постигнувајќи целосен договор со Спортинг Лисабон за Виктор Ѓокереш.

Шведскиот голгетер тргна во штрајк и воопшто не се појави на подготовките на португалскиот тим и доби казна поради тоа, воедно и дополнително ги налути челниците на Спортинг кои продолжија да одолговлекуваат во преговорите. Поради ова Ѓокереш не тргна на подготовки со остатокот од тимот на Арсенал, но преговорите продолжија во изминатите 24 часа и денеска конечно беше постигнат целосен договор.

Арсенал ќе плати 63,5 милиони евра што е загарантирана сума, плус 10 милиони евра поврзани со лесно остварливи клаузули. Клучно беше што агентот на голгетерот ја намали својата провизија што требаше да му биде исплатена од Португалците, по што конечно беше дадено зелено светло.

Се очекува голгетерот веќе утре да ги мине лекарските прегледи и да потпише за Арсенал, по што ќе отпатува за да му се приклучи на тимот на Микел Артета.

Се вчитува...