„Илинден Куп“ прераснува во најголем турнир во Македонија за млади категории: Европскиот крем во септември ќе гостува во Скопје!

Традиционалниот турнир „Илинден Куп“ прераснува во еден од најголемите интернационални фудбалски собири во Македонија за млади категории, и оваа година со силна тенденција да го потврди своето реноме градено изминатиов период по неговото почнување.

Во таа насока, денеска во просториите на Општина Илинден беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Општина Илинден и Фудбалска школа Грозданоски од Скопје, кој се однесува на организацијата на годинашното трето издание на „Илинден Куп 2025“.

Како што информираат организаторите на турнирот од Фудбалската школа Грозданоски, ппштина Илинден и градоначалникот, Александар Георгиевски и оваа година ќе бидат генерални покровители на најмасовниот детски фудбалски турнир во Македонија.

Во знак на благодарност, Влатко Грозданоски, во име на Фудбалската школа и како организатор на турнирот, му врачи на градоначалникот официјална топка со која ќе се играат натпреварите на Илинден Куп 2025.

Оваа година, Илинден Куп ќе собере 232 екипи од 12 европски земји, распределени во 6 возрасни категории, од 8 до 13 години, или околу 3500 млади фудбалери од цела Европа. Турнирот ќе се одржи во периодот од 12. до 14. септември.

„Имавме успешни претходни две изданија на ‘Илинден куп’, но оваа година предизвикот е уште поголем затоа што ќе гостуваат големи имиња на европскиот фудбал како Динамо Загреб, Партизан, Црвена Звезда од регионот, но и Бриж и Андерлехт од Белгија, од Турција доаѓаат Фенербахче, Бешикташ, како и ЦСКА Софија, Левски од Бугарија, но и сите најдобри клубови од Македонија. Па, се надевам дека ќе биде одличен турнир, пред се и со навистина добра организација… Скопје повторно ќе биде центар на детскиот фудбал во септември“ – истакнува вардаровата легенда и поранешен македонски репрезентативец Влатко Грозданоски, како најава за престижниот „Илинден куп 2025“.

Се вчитува...