Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со беспрекорните подготовки што ги минува во Гевгелија, за тренинг во комплексот НОЕЛ и за сместување во хотелот „Аполонија“ во центарот на градот во јужниот дел од земјата.
За жал, стручниот штаб се соочи со уште еден сериозен проблем откако Андреј Јакимовски отпадна од комбинација за настап во овој претквалификациски циклус. Крилниот кошаркар претходно најави дека ќе биде дел од националниот тим и денеска требаше да се приклучи на подготовките.
Сепак, по реализираниот трансфер во Тренто, деталните лекарски прегледи покажале ситна повредна поради која Јакимовски нема да може да биде во тренажен процес во следните петнаесетина дена. Во една таква ситуација, тој отпаѓа од комбинација за настап во претстојните дуели со Романија и со Унгарија, за уште поголеми проблеми во составувањето на тимот за овој претквалификациски циклус.
Националниот тим е во исчекување на Американецот Вајли кој утре треба да пристигне во Гевгелија, со што селекторот Илиевски ќе ги има на располагање сите кошаркари кои ќе бидат во комбинација за премиерниот дуел, што е закажан за 2 август на домашен терен во Куманово против Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

