Разочара во бројни европски гиганти, сега се пресели во Саудиска Арабија

Жоао Феликс важеше за „ново чудо од дете“ на светскиот фудбал кога се појави на европската сцена, па по одличните игри за Бенфика беше продаден на Атлетико Мадрид за над 100 милиони евра. Тој никогаш не ги оправда очекувањата, потоа беше продаден во Челси, па испраќан на позајмици во Барселона и во Милан, но португалскиот офанзивец не се наметна како доволно добар за да биде дел од овие европски гиганти на подолг рок.

Токму затоа, тој се реши за поинаков пат во кариерата, избирајќи го Ал Наср за следен клуб по заминувањето од Челси. Долго се најавуваше дека 25-годишниот Феликс летово ќе се врати назад во Бенфика, но Португалецот наместо поранешниот клуб, го прифати повикот на Кристијано Роналдо за да му се приклучи на сонародникот во Саудиска Арабија.

Ал Наср експресно се договори со Челси, за отштета од 30 милиони евра, но и висок процент од следниот трансфер што ќе легне на сметката на лондонскиот клуб. Феликс ќе потпише двогодишен договор за плата од 13,5 милиони евра по сезона, повеќе од двојно повисока од онаа што му беше нудена од Бенфика.

Се вчитува...