Даскаловски: Горди сме што ќе играме во Европа, тоа треба да го следат и останатите клубови

За нов тренер на Пелистер летово беше именуван Боро Даскаловски, искусниот стратег кој е убеден дека ќе го извлече максимумот од овој играчки ростер на „зелено-белите“.

Даскаловски е свесен за притисокот што самата функција го носи, но верува дека „пелистерци“ ќе одговорат на предизвикот и ќе ги остварат резултатите што се очекуваат од нив.

„Сакам да се заблагодарам на раководството на клубот за укажаната доверба и големата одговорност, пред мене и моите играчи се големи очекувања бидејќи клубот постави високи стандарди. Пелистер за првпат ќе игра во Европа, ни помалку ни повеќе во квалификациите за Лигата на Шампионите, против екипа од италијанската елита – Реџо Емилија. Тоа е само предизвик плус за мене и за моите играчи за што подобро да ги претставиме клубот, градот и македонската кошарка. Ако се случи да бидеме елиминирани и играме квалификации за ФИБА Европскиот куп, верувам дека ќе имаме можност да оствариме добар резултат. Како што напомена директорот, целта за домашната сцена – целта е да се донесе еден трофеј. Ростерот е направен со шест странци, со квалитетот и нивото на играчи што може да ги донесете во Македонија, се надевам дека не само Пелистер, туку и сите други клубови во иднина ќе се пријавуваат за учество во европските натпреварувања, што ќе биде само плус за македонската кошарка. Можам да ветам квалитетна работа и борба, тоа што секогаш и секаде сум го правел, верувам дека успехот нема да изостане. Она што сакам да го гледам е атлетицизам и на двете страни од теренот, успеавме да донесеме таков тип на играчи, верувам дека ќе успееме да играме онака како што сакаме, но секако ќе ни треба малку време за да се воиграме бидејќи сепак се направени значителни промени во тимот“, истакна Даскаловски.

Се вчитува...