Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром со победа ја стартуваше новата сезона во Првата лига, откако на домашен терен славеше над дебитантот Маџари кој даде одличен отпор на фаворитот со 77-70.
Двата тима одлично го отворија мечот поентерски. Одиграа една модерна кошарка во првите десет минути со многу поени, која доведе актуелниот шампион по првиот период да има минимална предност од 27-25.
Дебитантот одлично одигра и во вториот период. Сепак, неискуството и недоволната сконцентрираност доведе до тоа во финишот на првиот дел кошаркарите на Маџари да промашат дури шест слободни фрлања, па поради тоа на пауза заминаа со негатива од три поени (43-40).
Големата борба на теренот продолжи и во третиот период. И повторно како и во воведните два аеродромци беа за нијанса подобри па по триесет минути на семафорот стоеше резултатот 60-55. Во последниот период шампионот успеа да го исконтролира резултатот и на крај да стигне до конечен триумф од 77-70.
Чарли Гил со 22 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај Маџари Артис Стејплтон постигна 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА







































