Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, гостува едно од најголемите имиња на светскиот ракомет на сите времиња, Веселин Вујовиќ. Но, пред се и личност тесно поврзана со македонскиот ракомет, легенда која ги водеше едни од најдраматичните години на РК Вардар со кого освои три шампионски титули и првата СЕХА лига во историјата.
Во „ПРЕСИНГ“ легендарниот „Вујо Мајсторе“ се потсетува и на моментот кога ги освои срцата на „Комитите“ кога на еден дерби натпревар против Металург спасуваше пред полицијата еден млад вардаров навивач….
„Доaѓа една група млади луѓе да навиваат, тие се врела крв, и навиваат за својот клуб. И во момент, кога се случуваaт проблеми, неколку од тие момци влегуваат на терен. Секако, тоа никогаш не би требало да го направат. Но, исто така, сметам дека не би требало да добијат ќотек или пендрек по грбот затоа што влегол на теренот. И јас се сеќавам, дека го фатив полицаецот за рака, што е исто еден голем прекршок, за да можам тоа момче да го вратам на трибините, и ги молев да се смират“ – се потсетува Вујо, притоа откривајќи и еден детаљ години потоа, кога, пак, токму на барање на полицијата ги смирува „Комитите“ при еден инцидент во „Борис Трајковски“.
„Има уште еден детаљ. Јас веќе заминав од Вардар и после некоја година, бев тренер во Емиратите. Се вратив на подготовки со таа екипа во Белград и дојдов да гледам дерби Вардар – Металург, кое се играше во „Борис Трајковски“. Дојде до огромен инцидент. „Комитите“ полудеа, кршеа столици… Во еден момент, шефот на полицијата, во неможност да го реши проблемот, ми се обрати, а јас бев дојден само како гледач, и ми вели: „Вујо, те молам да ни помогнеш.” И јас излегувам пред 1000 и 1500 „Комити“ и велам: Ало, полека….“ Тие почнуваат веднаш со: „Вујо мајсторе…!”. Со пет зборови смирив 1500 луѓе, што е нешто незапамтено. Натпреварот продолжи, а за мене и тој момент покажува една огромна почит која ја уживав кај тие луѓе. Секако, некои од помладиве генерации не се сеќаваат кој бил Вујо, дека бил тука, се сменија тие генерации… И тие некои момци што тогаш биле млади и навивале, тие сега се оженети луѓе, имаат семејства и така натаму…“
Но, за Вујовиќ како најемотивен момент во неговата кариера ќе остана враќањето во „Кале“, откако замина од Вардар по доаѓањето на Самсоненко во клубот, тогаш како тренер на Загреб , кога цела сала 12 минути не престануваше со скандирање на неговото име, во знак на почит за се што направи за црвено-црните бои…
„Но, дефинитивно најголем момент што ќе го пометам во целата моја кариера е моето враќање како тренер на Загреб во СРЦ „Кале“ и тие дванаест минути скандирања…. Во СЕХА лигата, како тренер на Загреб доаѓам на меч против Вардар, и ме пречекува цела сала со 12 минути скандирања кои не престануваат. Сите мои помошници на клупата беа изненадени и вчудоневидени. Тоа е нешто кое секој човек еднаш во животот може да го доживее, и нешто кои силно го посакува. Тогаш сфаќате дека сте работеле нешто со кое сте допреле до душата и срцето на тие луѓе на вистински начин!“ – вели Вујо во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

