Еден од најдобрите македонски фудбалски стратези, Југослав Тренчовски, кој сезонава зад себе остава одлични резултати на клупата на словенечки Радомље, би можел од јуни да ја напушти Словенија, ако се суди според интересот на неколку клубови од регионот, пред се од Србија и од Бугарија.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, Тренчовски веројатно и го надмина фудбалски нивото на Радомље чија цел и за следната сезона ќе биде опстанок во словенечкиот шампионат, ако се знае дека амбициите, пак, на македонскиот тренер се многу повисоки. Доволно потврда за тоа е и интересот на словенечкиот шампион Целје за негов ангажман, кој трае уште од зимскиот преоден рок.
Но, сега, според пишувањата на Словенците, веќе е извесно дека Тренчовски нема да го продолжи договорот со Радомље, од каде се поизвесно заминува. Во преден план, е сега интерес од клубови од елитното друштво од Бугарија и од Србија, иако како негова идна дестинација се спомнуваат и клубови од Првата лига на Словенија.
Тренчовски сезонава со Радомље, покрај одличните резултати во првенството каде ги надмина очекувањата и планирањата на клубот пред почетокот на сезоната, се пласираше и во полуфиналето од Купот на Словенија, што е најголем успех во историјата на клубот.
Југослав Тренчовски е поранешен селектор на репрезентацијата на Македонија до 19 години и тренер на АП Брера, а во досегашната кариера работеше и во катарскиот Ал Араби, како и во Казма во Кувајт од каде на стартот од сезоната се пресели во Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
