Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, гостин сигурно едно од најголемите ракометни имиња на сите времиња во светот, Веселин Вујовиќ, човек кој е тесно поврзан и со македонскиот ракомет.
Меѓу бројните теми популарниот Вујо се осврнува и на тоа како дошло до соработката со Вардар во 2006 година, но открива дека имал и бројни понуди за преземање на други македонски клубови кои ги одбил, затоа што, како што вели, во Македонија не би можел да биде тренер на ниту една друга екипа освен Вардар.
„Јас сум имал како тренер понуди од други македонски клубови, но јас никако не би можел да дојдам во салата „Јане Сандански“ како тренер на некоја друга екипа која е од Македонија и пред „Комитите“, кои ме обожаваат, да водам друга екипа. Така што мојот став е дека никогаш нема да тренирам друга екипа во Македонија ако тоа не е Вардар!“ – вели Веселин Вујовиќ.
Како дојде до соработката со Вардар оној прв пат во 2006 година? Дојдовте на десет дена, а останавте еден така долг период, максимално приврзувајќи се за Македонија…
„Се случува прво распад на поранешна Југославија, па потоа останува заедница на Србија и Црна Гора, и тука почнува референдумот и во Црна Гора за одвојување. Знаете дека сум Црногорец, роден на Цетиње, а спортските резултати ги постигнав во Шабац, Србија, така што јас се чувствувам апсолутно припадник и на едната и на другата заедница. Во тој момент мене Михајло Михајловски ме побара да дојдам на десет дена да му помогнам на Вардар со моите совети нешто… И, дојде до референдумот. Црна Гора се одвои. Србија ме сака како селектор. Црна Гора ме сака како селектор. Јас знам дека ќе погрешам, било што да одберам, ако одам таму или таму. Јас велам, ма не ми е грижа, јас одам во Македонија! И тогаш доаѓа до соработката која траеше долго“ – вели Вујовиќ, осврнувајќи се на соработката и со сопственикот на Вардар, Михајло Михајловски.
„Апсолутно, јас имав еден неверојатен однос со Михајло Михајловски. Бев заштитен. Тој имаше идеја јас секогаш да бидам најплатен од сите играчи, што ти дава огромен авторитет. Кога би дошло до некаков проблем со играчите, тие би оделе да се жалат кај Михајло за моето однесување или постапка, или казни кои ги преземав кон играчите. Михајло онака ладнокрво, опуштено ќе им речеше: ‘Види, ние имаме две правила во клубот. Првото правило: Вујо е секогаш во право. Второто правило: Кога ќе го прочиташ, ако не ти е јасно, ти се враќаш на првото правило’. Имав голема поддршка од него, така што навистина немам зборови за Михајло, за неговото семејство, за сите луѓе околу, тоа е моето второ семејство во Македонија“.
Дали е можно еден ден Вујовиќ повторно да се врати во Македонија?
„Па, јас во овој момент навистина не гледам таква варијанта. И веќе реков, доколку било кога и се вратам, повторно би се вратил само во Вардар. Но, Вардар во овој момент му даде шанса на Иван Чупиќ, кој е легенда на клубот, кој е млад тренер, кој работи сериозна работа, кој направи сериозни резултати и јас му ја посакувам цела среќа од светот и на него и на Вардар. И, ако Вујовиќ би се вратил, значи на Вардар не му е добро, а јас тоа никако не го сакам!“ – вели популарниот Вујо.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

