Веќе е стартувана првата фаза од пријавувањето за купување билети за натпреварите на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. А, цената на билетите ги збесна навивачите ширум светот.
Позната е и цената на билетите за евентуалните натпревари на Македонија во Групата 1 кои ќе се играат во Мексико и во Атланта, САД. Цената на билетите за овие натпревари, во однос на некои поатрактивни дуели, е далеку пониска но, се чини, сепак и тоа како висока.
Цените на билетите за првиот евентуален натпревар на Македонија на 11 јуни против Јужна Кореја се од 200 до 500 долари, во зависност од секторот. За дуелот со Јужноафриканската република на 18 јуни во Атланта, цените се од 140 до 450 долари, додека за дуелот со домаќинот Мексико кој ќе се игра во Мексико сити се од 265 до 700 долари. Што би значело ако сакате да ги гледате трите натпревари на Македонија, земајќи просек на билетите, би ви биле неопходни 1.000 долари.
Се разбира, Македонија, претходно ја очекува мартовскиот плеј-оф, против Данска, па против Чешка или Р. Ирска, ако сака да дојде до Мундијалот 2026.
НАВИВАЧИТЕ РЕВОЛТИРАНИ – ЦЕНИТЕ НА БИЛЕТИТЕ СЕ „ШЛАКАНИЦА ЗА ФАНОВИТЕ“
Но, Европската навивачка организација „Фудбалски поддржувачи на Европа“ (ФСЕ) изјави дека е „шокирана од политиката на изнудување на ФИФА“ и побара продажбата на билети „веднаш да се запре“.
Англиското здружение на навивачи наведува дека тоа е „шлаканица за навивачите“.
Цените на билетите за Светското првенство во 2026 година повторно се зголемија по ждрепката, при што навивачите сега мора да издвојат до 700 долари за стандарден билет за некои натпревари од групната фаза.
Подраматично, цената на билет од пониско ниво за големото финале се искачи на 8.680 долари – речиси 2.000 долари повеќе отколку што беше во октомври.

АСТРОНОМСКИ ЦЕНИ – ДО СЕДУМ ПАТИ ПОВИСОКИ ОД КАТАР
Според Би-Би-Си, финалето на стадионот МетЛајф во Њујорк нуди три категории билети:
„Основна“ – 4.185 долари
„Стандардна“ – 5.575 долари
„Премиум“ – 8.680 долари
Најевтиниот билет е до седум пати поскап отколку на СП 2022, каде што чинеше 600 долари. Нема попусти за деца, ниту други намалени категории.
Дополнително, ФИФА за прв пат воведува варијабилно ценообразување во групната фаза – врз основа на популарноста на тимовите, а не на една цена.
За прв пат, по ждрепката, ФИФА би можела да одреди цени за одредени натпревари, прилагодувајќи ги на проценетата побарувачка.
Резултатот: цените се зголемиле за 80 од 104 натпревари, во некои случаи и до 71%, според податоците на аналитичарите.
Ова значи дека, на пример, навивачите на Англија ќе платат повеќе од навивачите на Шкотска, иако е истата фаза од натпреварувањето.
ФИФА не објасни како ја одредува „популарноста на натпреварите“.
АТРАКТИВНИ НАТПРЕВАРИ – ВИСОКИ ЦЕНИ
Најатрактивните натпревари како што се натпреварите меѓу Аргентина, Бразил, Португалија, како и натпреварите Норвешка – Франција, Уругвај – Шпанија или Еквадор – Германија сега чинат:
Категорија 1: 700 долари
Категорија 2: 500 долари
Категорија 3: 265 долари

Дуелите на помалку атрактивните тимови имаат пониски цени, но многу повеќе отколку што беше случај во претходните фази на продажба.
Некои билети во Лос Анџелес, Сан Франциско и Торонто дури и поевтинија, но само за натпревари со минимален интерес (на пр. Катар – Швајцарија).
НАВИВАЧИТЕ ВО ШОК: „Лојалноста не вреди ништо“
За прв пат, ФИФА отвори продажба и за регистрирани навивачки групи на националните тимови.
Сепак, тие добија непријатно изненадување: билетите зад головите – традиционално најевтиниот сектор наменет за најлојалните навивачи – сега чинат исто како и билетите за другите клиенти.
Во некои случаи, тие се поскапи од „обичните“ навивачи што ги платиле во октомври и ноември.
ФСЕ ја обвини ФИФА дека најлојалните навивачи нема да имаат пристап до категоријата со најниска цена, бидејќи билетите за „четврта категорија“ се резервирани за општа продажба со динамично формирање на цените.
„ФИФА воведува нејасна политика каде што различни навивачи плаќаат различни износи за исти категории билети, без никаква транспарентност“, соопшти ФСЕ.
Здружението на навивачи на Англија вели:
„Ова е шлаканица во лицето на навивачите. Лојалноста е целосно игнорирана.“
Англичанецот Лук Бакстон ги оцени цените како „апсолутно скандалозни“ и додаде дека можеби нема да може ниту да оди во нокаут фазата поради трошоците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

