Новиот Македонец е на излезна врата од Вардар

Дмитро Хорига е еден од клучните ракометари за одличната полусезона на РК Вардар, украинскиот бек во меѓувреме доби и македонски пасош и од следната година ќе може да настапува и за нашиот национален тим, но целата ситуација се компликува откако се одолговлечија преговорите за негово останување меѓу „црвено-црните“.

Имено, договорот што Хорига го има со Вардар е до крајот на сезонава, се чинеше дека двете страни се договорени за продолжување на соработката, но ситуацијата во последните триесетина дена сериозно се искомпликува.

Германските медиуми информираа дека шампионот Фухсе Берлин ја предводи листата бундеслигаши што сакаат да го видат Хорига во своите редови. Во игра се уште неколку тимови од ЛШ на чело со унгарски Веспрем, па дури и амбициозниот Охрид кој испратил богата понуда, но реално нема преголема шанса во оваа трка со гигантите.

Шансите на Вардар да го задржи Хорига во моментов се проценуваат под 40%, што дефинитивно би бил сериозен удар за долгорочниот концепт на двократниот европски шампион и улогата што „новиот Македонец“ ја има и во нападот и во одбраната на „црвено-црните“.

Се вчитува...