Килијан Мбапе добива критики од сите страни поради променливите игри, но пред се поради проблематичниот однос со тренерот Арбелоа и со соиграчите, па токму францускиот ас е посочен како главен виновник што „кралскиот клуб“ две години по ред не освојува ниту еден трофеј.
На листата критичари на францускиот голгетер се приклучи и легендата на Реал, Тони Крос, кој јасно стави до знаење дека проблемите на „кралскиот клуб“ се длабоки и се поврзани токму со Мбапе.
„Да бидеме искрени, ситуацијата не почна со доаѓањето на Мбапе, туку година две претходно, кога Реал правеше се за да го доведе, а тој си ја зголемуваше платата во ПСЖ. Луѓето уште тогаш почнаа да се сомневаат во неговите намери, кога тој конечно дојде сите очекуваа Реал да направи чекор напред во играта, да делува перфектно. Наместо тоа, не личи на тим, видовме бројни проблеми. Секоја екипа, па и Реал, за да функционира како што треба, мора да има структура, тимска хемија, играчи кои си ги знаат улогите…. Кога ќе дојде засилување како Мбапе, се се менува, и тоа несекогаш на подобро. Се гледа дека не се чувствува најдобро како класична „деветка“, а кога клучните играчи заземаат слични позиции, се губи балансот на теренот. Се чувствува тензија, уште повеќе кога нема резултати, луѓето почнуваат да реагираат, се создава немир во соблекувалната. Тоа е нормално во клуб како Реал, но важна е реакцијата, да се види дека ти значи, да излезеш посилен од сето тоа. Талентот не е доволен, ако нема рамнотежа, работите лесно тргнуваат во погрешен правец. На Реал не му се потребни само врвни играчи, туку единство и систем во кој сите ќе се вклопат“, порачува Тони Крос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
