Данска е во финалето, Исланд не го издржа ритамот

Домаќинот Данска ќе ги одмери силите со Германија во неделното големо финале од ЕП 2026 откако Данците вечерва во второто полуфинале ја совладаа селекцијата на Исланд со 31-28. Исланѓаните долго време одлично му парираа на големиот фаворит, но Данците сепак најдоа начин во второто полувреме да се одлепат и да стигнат до билет за големото финале.

Првото полувреме мина во целосно израмнета игра, Исланд го искористи периодот со двајца играчи повеќе и набрзина поведе со 3-6, но само неколку минути подоцна „црвено-белите“ успеаја да се вратат и да го израмнат резултатот. Исландските бекови играа беспрекорно „еден на еден“ и им создадоа огромни главоболки на олимписките шампиони, но Данците сепак заминаа на одмор со минимално водство од 14-13. Исланѓаните имаа минимална предност и на стартот од вториот дел, но загубија здив во последните дваесетина минути.

Одбранетиот пенал на Кевин Мелер им даде дополнителен импулс на Данците, кои додадоа гас, заиграа уште поквалитетно и си го трасираа патот до финалето.

Голманите немаа свој ден, Нилсен имаше само четири, а Мелер две интервенции за Данска, додека Халгримсон одбрани вкупно шест удари на голот на Исланд. Во нападот на Данците најефикасен очекувано беше Гидсел со седум, пред Хансен со шест и Питлик со пет погодоци, додека прв стрелец на исландскиот состав беше Смарасон со осум погодоци.

Се вчитува...