Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин е едно од најславните имиња на Вардар, Иван Чупиќ, миленикот на „Комитите“ кој во 2017 година ја донесе европската титула за црвено-црните.
Неизбежно Иван Чупиќ се потсетува на тие шампионски години на Вардар, освоените европски титули и неговиот погодок во последната година за трофејот во 2017. Но, ако треба нешто кое посебно буди емоции во него тоа сигурно е пречекот на плоштадот Македонија и она дефиле од аеродром до центарот на Скопје.
„Засекогаш ќе го паметам пречекот на плоштад и во Скопје по освоените европски титули. Јас навистина тогаш се чувствував како на врв на светот. Кога дојдовме и слетавме во Скопје, од аеродромот, па тој автобус, до самото доаѓање до плоштадот, тоа беше нешто неверојатно. Нешто кое никогаш нема да го заборавам“ – вели Чупиќ и дополнува дека исто така и извонредната атмосфера во соблекувалната и заедништвото во Вардар биле неповторливи.
„Ако треба да издвојам два-три моменти кои будат најголеми емоции и сеќавања од тој период во Вардар, покрај тие пречеците на плоштад, навистина нешто што ми остана најубаво од цел мој период и целиот мој дел од животот во Вардар е таа соблекувална. Тоа заедништво, тоа дружење, тоа… Чест на сите соблекувални и тимови во кои сум бил, но Вардар единствено може да се спореди, за мене, со хрватската репрезентација. Само што во хрватска репрезентација си месец дена заедно, дваесет дена, или два месеци, а овде четири-пет години заедно. И многу луѓе, секако, поминуваа низ соблекувалната, низ годините, а хемијата остануваше секогаш иста. И, секако втор момент и Јане Сандански, полни сали, и „Комитите“. Голем печат за мене остави и оној натпревар со Сегед, кој беше последен натпревар во Јане Сандански на тој Вардар. Тогаш кога се распаѓаше клубот. Тие некои две-три емоции можам да кажам дека се и повеќе од самата титула или самото тоа подигнување на тој пехар во Келн во Лигата на шампионите“.
=================================================
ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ИВАН ЧУПИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

