Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин е едно од најславните имиња на Вардар, Иван Чупиќ, миленикот на „Комитите“ кој во 2017 година ја донесе европската титула за црвено-црните.
Нема кој во спортска Македонија не го знае голот на Чупиќ за европска титула и неговите настапи за Вардар пред една деценија. Но, малкумина знаат дека, всушност, првото доаѓање на Иван Чупиќ во Македонија е во 2007 година како младински репрезентативец на Хрватска на Европското првенство кое се одржа во Македонија.
Тогаш Хрватска го освои 4. место, а Чупиќ, кој беше избран и во идеалниот тим на тој младински шампионат, ги споделува неговите први впечатоци за Македонија, Скопје и Охрид – каде се играше првенството… А, неговите први впечатоци се билијардот во хотел Континентал, расипаниот автобус на Стража и змиите во Охридско езеро…
„Прво што ми доаѓа за Македонија од тоа прво мое доаѓање во земјава во 2007 година е хотел Континентал хотел каде бевме сместени за време на ЕП. Беше многу топло. Цело време игравме билјард. Се сеќавам, мислам дека првенството се играше во Кале, првиот дел, и потоа вториот круг поминавме, и одиме за Охрид. Ние, Германците, и не знам кој уште таму вториот дел пред полуфиналето одиме за Охрид“ – низ смеа се потсетува Чупиќ во „ПРЕСИНГ“ и продолжуува:
„Ние и Германците одиме и дојде по нас доаѓа некој стар распаднат автобус и одиме за Охрид. Одиме ние и Германците, и ние ги престигнуваме и се движиме кон Стража, на тој превојот таму кога се качуваш, а тоа многу топло и ни се расипа автобусот. Чад од сите страни од автобусот, сите надвор, не може автобусот да тргне. Ние таму покрај патот чекаме и Германците поминуваат, ние мавтаме. Во тоа време немаше мобилни телефони. Ние мавтаме, тие застануваат, ние се префрламе во нивниот автобус. А, и ивниот некој автобус мал, влегуваме внатре и одиме до Охрид. Некако стигнавме до Охрид и во Охрид сите викаат… Еее, капење, море… Викам какво бре море во Македонија? И тогаш го запознав езерото и видов дека се капите со змии. Тоа ми беше многу чудно, пошто јас сум дете од море. Многу змии има, а вас тоа ништо не ви смета, тоа сè си е нормално, но за мене не е. Тоа се некои мои први впечатоци од Скопје, од Македонија, од Охрид. Значи: Змии, автобус и хотел Континентал билјард долу во лобито“.
=================================================
ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ИВАН ЧУПИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

